• Sat. Nov 23rd, 2024

Со зонското паркирање ќе се обезбеди поголем ред во паркирањето во центарот на градот

 Со воведувањето на зонското паркирање целта на општината не е да се остварува профит, туку да се стави ред во сообраќајот, посебно, во паркирањето во центарот на градот, истакна градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на  Jавната презентација на проектот за зонско паркирање. Притоа, објасни дека со презентацијата на проектот отпочнува постапката за воведување на зонското паркирање за што Советот на општина Гевгелија треба да донесе одлука, по што ќе биде одреден оператор и распишан Tендер за набавка на софтверска опрема.

            – Сегашната состојба со паркирањeто во центарот на градот предизвикува застој и хаос во сообраќајот, го оневозможува протекот на возила чии сопственици сакаат во центарот на градот да завршат одредена работа во институциите кои тука се лоцирани. Истовремено, го отежнуваат и пристапот на туристи кои секојдневно престојуваат во нашиот град. Оттука произлегува и потребата за изработка на Проектот за сообраќаен режим во градот, а во чии рамки е предвидено и зонско паркирање, рече Поцков.

            Со Проектот се предвидени 1007 паркиралишта во центарот на градот и на главните сообраќајници. Од нив 609 се паралелни, 7 за косо паркирање, а 341 за паркирање под агол од 90 степени. Исто така, се предвидени 23 паркиралишта за такси возила, 20 за лица со инвалидитет и 4 за возила со електрично полнење. Сите паркиралишта се значително поголеми од постојните и согласно новите законски одредби. Зонското паркирање е поделено по зони, појасни проектантот Миле Стојменов, нагласувајќи дека Гевгелија е еден од последните градови во земјата каде што не е воведено зонско паркирање.

            Првата зона е ограничувачка и треба да влијае дестимулирачки за долготрајно паркирање во центарот на градот, појасни проектантот. Ограничувачката зона ги опфаќа улиците „7 Ноември“ од Амамот до крстосницата со „Маршал Тито“ и „Димитар Влахов“, без паркингот пред „Стопанска банка“, улицата „Димитар Влахов“ до крстосницата со „Јосиф Јосифовски“ и „Ристо Фршинин“, улицата. „Маршал Тито“, од крстосница со „Ѓорѓи Велков“ до крстосница со улиците „7 Ноември“ и „Димитар Влахов“, како и од Библиотека до крстосницата со улиците „Таља Бикова“ и „Мирче Ацев“ и улицата „Гевгелиски партизански одреди“ (освен паркинг пред СОУ „Ј.Јосифовски“). Во ограничувачката зона паркирањето ќе биде ограничено само на 2 часа со цел да се обезбеди непречен протек на возила во административниот центар.

            Втората жолта зона „Б“ го опфаќа подрачјето помеѓу границата со зоната „А“ до улиците „Кирил и Методи“, „Борис Карпузов“, „Ристо Фаршинин“, „Јосиф Јосифовски“ до спортска сала „Партизан“, „Гевгелиски партизански одреди“ и паркингот пред СОУ „Ј.Јосифовски“, „С.М. Данко“ до крстосницата со улица „Борис Кидрич“, „Радован Ковачевиќ“ до крстосницата со улица „Деко Ковачев“, „Булевар Гевгелија“ до семафорите на  крстосницата со улица „Деко Ковачев“. Во оваа зона паркирањето не е ограничено и ќе се наплаќа, а тука влегуваат јавните површини наменети за паркирање Библиотека „Гоце Делчев“ и кај спортска сала „26 Април“.

            Во третата зелена зона „Ц“ влегува преостанатиот дел од територијата на  Гевгелија, односно, улицата „Ѓорѓи Стамков“ (кај Централната детска градинка), улицата „Миле Пецанов“ (Градски пазар), Булеварот „Гевгелија“ (од семафори до кружен тек) и другите јавни површини кои не влегуваат во претходно наведените зони. Советот на општина Гевгелија со посебна одлука ги одредува цените за паркирање во втората и третата зона, како и условите за паркирање. Плаќањето ќе се врши електронски, но и преку посебни картички кои ќе им се продаваат на туристите, а супермаркетите, банките, стоматолошките ординации и други институции можат да закупат одделни паркинг-места. При изработката на проектот е водено сметка влезовите на станбените и деловните објекти да не бидат блокирани со паркинг места.

            Присутните граѓани на јавната презентација ја поддржаа Иницијативата за воведување на зонско паркирање, нагласувајќи дека неопходно е да се воведе ред во паркирањето, посебно во центарот на градот. Притоа, дадоа корисни и интересни предлози дека за успешноста на зонското паркирање потребна е поголема соработка на сообраќајната полиција со операторот, за разгледување на можноста во ограничувачката зона да им се наплаќа паркинг само на жителите на Гевгелија, а не и на туристите, за регулирање и санкционирање на паркираните патнички возила кои непрекинато стојат опаркирани на одделни сообраќајници. Исто така, беше оценето дека организирањето и спроведувањето на зонското паркирање најдобро е да се врши од страна на Јавно претпријатие.

            Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, на крајот од јавната презентација нагласи дека покрај расправата, на веб-страната на општина Гевгелија ќе биде спроведена и јавна анкета, по што ќе бидат сумирани предлозите и сугестиите од граѓаните. Најпрво, во Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, а потоа и во Советот на општина Гевгелија кој треба да ја донесе конечната Одлука за операторот, цените и условите за зонско паркирање на одредените зони.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *