Денес, во кабинатото на градоначалникот на општина Василево Славе Андонов , работен состанок одржаа членовите на Општинскиот кризен штаб и претставници од институциите надлежни за менаџирање на кризните состојби: ЦУК (Центар за управување со кризи) ТППЕ , Струмица, (Територијална противпожарна единица – Струмица) ЈП „Македонски шуми“, подружница Струмица и ДЗС (Дирекција за заштита и спасување.
На средбата е разговарано за моменталната состојба со пожарите во општина Василево, конкретно за опожарените депонии во населените места Василево и Чанаклија кои се веќе изгаснати , како и за активниот пожар над населеното место Требичино кој во моментот е под контрола и се следи од страна на надлежните.
За деновите што следуваат, направен е план за координирано дејствување на сите вклучени страни, во случај на промена на состојбата со огнот односно негово проширување. Присутните излегоа и со заеднички став дека треба дополнително да се упати апел до жителите, да не палат огин на отворено, да не палат стрништа и воопшто да ги почитуваат мерките и апелите од надлежните институции со што во овие екстремно топли денови би се избегнале пожарите и последиците од нив.