• Sat. Nov 23rd, 2024

Собранието без опозицијата го изгласа буџетот за 2021 година

Собранието го усвои буџетот за 2021 година. Ова е прв средноречен буџет претставен пред и усвоен од Собранието со очекување за раст на економијата в година од 4,1 % и намалување на буџетскиот дефицит за 3,6-процентни поени во однос на годинешниот. Како што беше истакнато при презентирање на буџетот, главни цели се зачувување на здравјето на граѓаните, здравјето на економијата и забрзан раст и структурни реформи.

„Буџетот има три главни приоритети – здравство, економија и зачувување на стабилноста на работните места, владеење на правото и интеграции. Буџетот е прецизен, егзактен, содржи развојна компонента. Капиталните инвестиции се 26,2 % повисоки од актуелниот буџет, 3,4 % од БДП или просек што во подобрите години го имаше нашата земја. За здравството имаме 100 милиони евра повеќе во однос на 2019 година или 40 милиони евра во однос на тековната година. Во образованието имаме зголемување на капиталните инвестиции четирикратно. За в година со сите предизвици предвидени се средства и за сузбивање на ковид-кризата доколку има потреба“, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Буџетот за в година е буџет за заздравување од кризата предизвикана од Ковид-19, но и поставување основи за забрзан економски раст во следниот период. Ова е првиот усвоен среднорочен буџет и се базира на три платформи: A. Фискална консолидација, која до 2025 година треба да го сведе буџетскиот дефицит на 2 %, или под Мастришкиот критериум, Б. Стратегија за заздравување и забрзан економски раст, која треба да го удвои растот во следниот период со стапки од 4 до 5 % и C. План за јавни инвестиции 2021-2025 во насока на зголемување на учеството на инвестициите во вкупните расходи и подобрување на нивната реализација. Во буџетот има издвоено средства за поддршка и на граѓаните и на стопанството, така: за здравство има издвоено 664 милиони евра, социјална заштита 1,47 милијарда евра, образование 465 милиони евра, а за развој на економијата 1,141 милијарда евра.
Вкупните приходи на буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари и тие се 8,3 % повисоки во однос на вториот ребаланс 2020 година, а расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или 2,1 % пониско во однос на вториот ребаланс 2020 година. Со тоа буџетскиот дефицит е проектиран на 4,9 % или речиси двојно пониско во однос на оваа година. Преку политиките за фискална консолидација се очекува секоја година буџетскиот дефицит постепено да се стеснува, така што во 2022 тој е проектитран на -3,8 %, во 2023 на – 3,2 %, во 2024 на -2,9 % и во 2025 година на -2 % и ќе биде под Мастришкиот критериум од -3 % од БДП.

Стратегијата за заздравување и забрзан раст, која се темели на четири столба: економско заздравување од Ковид-19, забрзан, одржлив и инклузивен раст, зголемување на конкурентноста и вмрежување во глобалните синџири на добавување и инвестирање во човечки капитал. Првиот столб – економско заздравување од Ковид-19 – ги опфаќа приоритетите – заштита на здравјето на граѓаните и социјална заштита на најзагрозените категории во општеството и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места. Вториот столб – забрзан, инклузивен и одржлив економски раст – се фокусира на добро управување (владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите), фискална одржливост, макроекономска и финансиска стабилност, локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина, зелена економија и дигитализација на економијата и јавните услуги, во чии рамки се предвидени различни мерки и активности. Третиот столб – зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор – фокусот се однесува на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири на создавање на вредноста, подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството. Во четвртиот столб – развој на човечките ресурси и еднакви можности – опфатени се развој на човечките ресурси (образование, наука и здравство), поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување, во чии рамки се предвидени разни мерки и активности.

Во согласност со ова, проекциите на среден рок се дека растот ќе се удвои во следниот петгодишен период, и тоа 4,6 % раст во 2022, 5,2 % во 2023, 5,6 % во 2024 и 5,9 % во 2025 година. Во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75 % годишно.

Во текот на собраниската расправа за буџетот прифатени се 18 амандмани, со кои се обезбедени дополнителни средства за енергетска ефикасност – мерката за набавка на енергетски ефикасни прозорци и врати за домаќинства, за формирање еколошки зони, за акредитација на централна лабораторија за животна средина, за земјоделска опрема за мали семејни винари, за комунална инфраструктура во повеќе населени места, за социјални надоместоци за стечајани работници и за изградба и реконструкција на две училишта во Гостивар.

извор: Макфакс

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *