• Fri. Nov 22nd, 2024

Интервју со Смилја Василевска: Иван на Преведена пишуваше ѕвездени стихови

Преведена не беше само прибежиште. Таа беше и тајна и олтар, душевна лулка гордо крената кон облаците. А таму, на речиси голиот врв, стои осамена куќарка соѕидана со раце, покриена сал од ѕвезди и копнежи. Така ја опишува нивната Преведена Смилја, сопругата на поетот Иван Василевски. На четиригодишнината од смртта на македонскиот поет, писател и новинар, неговата најголема љубов и животна сопатничка се присетува што значеше ова место за нив двајца, но и за нивните деца.

Смилја на Преведена. Во позадина е книгата „Сликање на ангелот“ избор од творештвото на Иван, постхумно промовирана

Смилја и Иван беа заедно речиси четири децении. За целиот заеднички живот, Иван во неа не гледал само емотивен партнер, но и најверен читател и најсилен критичар, поради што таа прва ги читала неговите стихови, а тој со жар и нетрпение ја очекувал нејзината оценка. Љубовта на струмичкиот поет и талентираната скопјанка е како приказна од роман, за што може да посведочи и „Песната на гугутката“, книгата што пред две години ја објави Смилја.

Фотографија на Смилја и Иван од склучувањето на граѓанскиот брак

Преведена на некој начин го обликува животот на семејството Василевски. Таму ги минуваат викендите но и секој слободен ден, миг. Смилја вели дека љубовта кон природата ги привлекла во планината, но дека останале затоа што се почувствувале приврзани, дел од неа. Иван до долго во ноќта останувал буден надвор и гледал во небото. Ги слушал ноќните звуци, ги набљудувал ѕвездите и познатите соѕвездија. Како да општел со нив, тие да му шептеле стихови а тој им ги пренесувал искуствата од Земјата. Секој агол од куќата е полн негови тевтери, белешки на кои ги запишувал мислите, додека Смилја ја негувала својата пасија за цртање во своето ателје.

Години подоцна, Преведена станува и нивно место на плач и тага, но и место на кое барале утеха и мир. Необјаснивата поврзаност со тоа парче земја ги тера да си ветат дека таму ќе остарат но и ќе останат. Желбата на Иван е исполнета. Тој и понатаму шуми и стихува со ѕвездите на Преведена, каде е неговото вечно почивалиште, заедно со синот Вартан.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *