Поранешниот главен командант на НАТО за Европа Џејмс Ставридис изрази мислење дека е време Сирија да се подели на неколку делови. Тој дури предложи неколку опции на ова сценарио, вклучувајќи ги примерите на Југославија, Босна и Херцеговина и Ирак.
Поранешниот командант на силите на НАТО за Европа Џејмс Ставридис рече дека примирјето во Сирија можеби сега се почитува, но дека војната во тој регион не е завршена, наведува „Форин Полиси“.
„Клучниот проблем во Сирија е тоа што главните сили сами не можат да се договорат за излезот од кризата: САД и Русија не се согласуваат околу судбината на Асад, Саудиска Арабија и Иран се заглавија во геополитичките и регионалните судири, додека Русија и Турција имаат несогласувања околу тактичките и стратешките прашања“, смета генералот.
Со продолжување на кризата, според зборовите на Ставридис, станува се поочигледно дека Сирија како единствена држава повеќе не постои. Народот се подели во граѓанската војна и во поголемиот дел од земјата управуваат разноразни лидери кои никому не му се заколнале на верност. Затоа поранешниот командант на НАТО во Европа предлага поделба на Сирија.
Поделбата на Сирија Ставридис ја гледа вака: околу Дамаск ќе се појави алавитски регион под управа на Асад или оние кои ќе го заменат, во централниот регион со текот на времето ќе почне да управува умерениот сунитски режим – после истиснувањето на различните терористички групи, додека на истокот на земјата може да се појави и курдска енклава.
Пристапот за поделба на земјата може да биде различен: од потполна поделба, како во случајот на Југославија, до федерација, како во Босна и Херцеговина по Дејтонскиот договор и слаба федерација како во случајот на Ирак.
„Меѓутоа, пред да се прибегне кон вакво решение, треба да се извагат последиците од оваа одлука“, смета Ставридис