Светската здравствена организација предупреди дека сојот омикрон на коронавирусот се шири со најголема брзина во споредба со другите варијанти и повика светот да ги искористи сите расположливи алатки за да се бори со пандемијата. Директорот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус посочи дека само вакцините не се доволни да ги заштитат земјите од кризата.
Сојот омикрон галопира во европските земји, а Британија го пријави и првиот смртен случај на заразен со оваа варијанта од вирусот. Во Македонија засега нема детектирани случаи, зашто нема епидемиолошки причини за да се секвенционира токму овој сој. Сепак, се препорачува да се прими трета доза вакцина шест месеци по втората за дополнителна заштита.
Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, доктор Милена Стевановиќ, за „Слободен печат“ вели дека засилувачката доза е апсолутно препорачлива за заштита од омикрон.
– Трета доза апсолутно се препорачува по шест месеци од втората доза. Препораката за вакцинирање е најмалку еден месец по прележан ковид-19. Треба сите да се вакцинираат и на таков начин да се минимизираат можностите за инфекција, без разлика за кој сој станува збор, вклучително и омикрон – ни рече доктор Стевановиќ.
Таа додаде дека на Клиниката во моментов се хоспитализирани 80 пациенти и дека тоа е едно плато што се одржува од летниот период кога опадна бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација и поради тоа се затвори модуларната болница.
извор: https://www.slobodenpecat.mk/szo-predupreduva-makedonija-ushte-ne-testira-omikron/лница.