Започнаа изведбените работи за целосна реконструкција и проширување на улица „Индустриска“, крај која се наоѓаат поголемите стопански капацитети во Гевгелија. По изградбата на атмосферска канализација за прибирање на атмосферските води од околните објекти, на оваа најфрекфентна стопанска сообраќајница во Гевгелија, најпрво, ќе биде изградена канализација за прифаќање на атмосферските води од оваа улица. Веднаш потоа, ќе биде извршено проширување на улицата и изградба на тротоар.
Според изведбениот проект, коловозот на улицата „Индустриска“ ќе биде широк 7 метра, а од јужната страна ќе биде уреден тротоар од 2 метра. Потоа, ќе биде асфалтирана целосно оваа улица, од крстосницата со булеварот Гевгелија, се до складиштето на ШС „Кожуф“. Со целосната реконструкција и проширување, улицата „Индустриска“ која досега беше сообраќајно најоптоварена, ќе им овозможи на сите учесници во сообраќајот во оваа стопанска зона полесно движење.