• Sat. Nov 23rd, 2024

Се’ повеќе деца со говорни мани, а се’ помалку логопеди во градинките во југоистокот

ByВане Трајков

Jul 24, 2018

Речиси секое трето дете од предучилишна возраст во југоистокот има проблеми со говорот, а само две детски градинки имаат ангажирано логопеди за рана детекција и отстранување на пречките. Таквите деца главно молчат, тешко изговараат слогови или поврзуваат зборови. Според практичарите, тоа е поради немање двонасочна комуникација во раниот детски развој, кога разговорот се заменува со прекумерна употреба на мобилни, таблети, гледање телевизија. Родителите не знаат каде да се обратат, бидејќи логопеди нема ниту во јавното здравство, па се принудени да патуваат по градови и бараат помош за да се отстранат нарушувањата во говорно-јазичниот развој кај нивните деца. Во ова група на родители е и Наташа од Радовиш, која своето четиригодишно дете го носи на часови на логопед во Здравствениот дом во Струмица, но и на вежби кај приватен логопед во Штип.

Овде во Радовиш нема логопед ниту во градинката, ниту во Здравствениот дом. Нашиот четиригодишен син тешко врзуваше слогови и направивме испитувања во Скопје и ни кажаа дека станува збор за говорно-јазични нарушувања и мора да земеме часови и вежби кај логопед за да се отстранат. Трошиме време, патувајќи до Струмица и Штип. Месечно издвојуваме по околу 5 до 6 илјади денари за вежби“ – објаснува Наташа.

По половина година третман, има напредок со говорот кај нејзиниот син. Таа тврди дека многу полесно ќе било ако некој од радовишката градинка и предочиле дека нејзиниот син има говорни нарушувања.

Дефинитивно треба да се најде решение за рана детекција на проблемите со говорот кај децата и тоа уште во градинка, бидејќи како што растат многу потешко комуницираат“ – потенцираше Наташа.

Нејзината судбината и голгота ја споделуваат други стотина родители од југоистокот. Нивните деца лошо изговараат одредени букви, пелтечат или тешко поврзуваат слогови, но за жал институционално нема кој стручно да работи и вежба со нив за да се елиминира забавениот говорен развој и сиромашиот речник кој се јавува најчесто по втората година од детскиот раст.

Станува збор за деца кои претежно молчат и нивниот говор се сведува со гестикулација и тешки слогови. Во науката детерминирани се како дислалија, пелтечење и дисфазија – состојби каде децата при комуникација не можат, или говорно тешко возвраќаат.

Градинките признаваат дека има деца со говорни мани

Ова го тврдат и одговорните од детските градинки, иако нема официјална статистика колку деца од предучилишна возраст во југоистокот имаат нарушувања во говорно-јазичниот развој. Посебни истражувања не се правени, оти немаат стручен кадар. Тврдењата ги поткрепуваат од секојдневните контакти со децата кај кого се забележливи полесни и потешки нарушувања во говорот.

Немаме официјална бројка оти не сме компетентни и стручни да утврдиме, колку точно деца имат проблеми со говорот, ниту пак кои се причините за нарушувањата. Воспитувачките и негувателките констатираат дека одредени деца имат говорни и јазични проблеми чија бројка се зголемува и од таа причина од минатата година ангажиравме логопед“ – ни изјави Тинка Маркова, директорка на струмичката градинка, која потенцира дека ретко која градинка во земјава има соодветен стручен кадар

Освен во Струмица логопед има ангажирано и градинката во Гевгелија. Во останатите јавни општински градинки во Радовиш, Василево, Ново Село, Валандово, Богданци, Дојран нема стручен кадар, кој што може да им помогне на децата кои со часови престојуваат во овие установи. Освен логопеди на овие деца може да им помогнат и дефектолози, но за жал ниту една градинка нема ангажирано ваков профил на кадар.

Имаме деца кои тешко зборуваат и нивниот речник е сиромашен. Како установа морам да признаам дека немаме стручен тим. Имаме психолог како стручен работник и медицинска сестра како стручен соработник, но ни недостасува логопед или дефектолог. Од овие два стручни профила имаме потреба, бидејќи се соочуваме со реални проблеми со овие дечиња до шест години“ – вели директорката на ЈОУДГ „Ацо Караманов“ од Радовиш, која признава дека ниту во јавното здравство нема логопед.

Кај нас има неколку деца кои имат поголеми тешкотии во говорот, па нивните родители се приморани да ги носат во околните градови. Не е мал бројот и на децата кои лошо изговараат слогови. Нашите воспитувачи и негувателки, иако не се квалификувани за тоа, се обидуваат со игра, правилно да ја стимулираат говорната комуникација, но за тоа се потребни стручни лица“ – вели директорката Љупка Тренчева, која неодамна доби согласност за нови вработувања на негувателки и воспитувачки кои биле на договор на дело, ама не и за стручен кадар.

Ништо поразлична не е состојбата ниту во детската градинка „Калинка“ во Валандово, која има клонови и по населените места. И таму нема ниту логопед, ниту дефектолог кои што би работеле со децата со говорни мани после нивната втора година.

Со отворање на новите клонови по населените места се наметнува потребата од нов кадар. Со стручни работници сме дефицитарани. Имаме музички соработник и педагог. Но ни фали дефектолог и логопед. Имаме дневен центар за посебни потреби, но се покажува потреба и во детската градинка“ – потенцираше директорката на „Калинка“ Дафинка Ѓеоргиева.

Градинките без стручен кадар – претежно со воспитувачи и негувателки

Во општините од Југоистокот има осум јавни општински установи – детски градинки. Градинки нема во општините Босилово и Конче каде има постапки за отворање. Речиси сите имаат клонови во урбаните и руралните места. Во Радовиш под детската градинка функционираат и четири Центри за ран детски развој.

Во 28-те објекти или клонови на јавните општински градинки во септември минатата година биле запишани и згрижени 3014 деца, многу повеќе отколку постоечките капацитетите. За нив се грижаат 222 воспитувачки и негувателки.

Сите признаваат дека кубурат со стручни тимови. Од ваков кадар дел од нив имаат вработено психолог, некои педагог, трети медицинска сестра, а некои имаат ангажирано и наставници по музичко и физичко воспитување.

Во ниту една градинка во југоистокот не се работи втора смена. Работното време им завршува до 17:00 часот. Одговорните тврдат дека немало интерес од страна на родителите за воведување двосменско работење на детските градинки. Побараа и добија нови вработувања пред се негувателки и воспитувачки, но за жал не и стручни работници и соработници. Признаваат дека имаат групи и од по 30 деца за кои се задолжени една воспитувачка и една негувателка, групи во кои има и деца со говорни нарушувања.

Во Струмица во петте клона на ЈОУДГ „Детска радост“ се запишани 1052 деца за кои се грижат 70 воспитувачи и негувателки. Според одговорните, запишани се двојно повеќе од капацитетите, за што реално имаат потреба од нови вработувања. Од септември ангажиран е и логопед, кој работи со децата со говорни мани по петте клонови, доколку добие писмена согласност од родителите. Логопедот Симона Лековска вели дека станува збор за процес за кој е потребна соработка со родителите и говорни вежби со децата оти еднаш неделно не е доволно.

Имаме околу 50 деца кои имат сериозни говорни нарушувања, односно забавен говор и сиромашен речник. Со дел од нив работам индивидуално, со дел во групи, но не повеќе од три деца. Ги групирам во зависност од тоа каков степен на нарушувања имаат. За сите од нив имаме програма со вежби. Станува збор за процес со методи и техники со кои му помагаме на детето да го развие говорот. Оди тешко, со оглед дека еднаш неделно сум со нив, во секој клон по еден ден. Вежбите траат максимум по еден час. Како што реков со едни работам индивидуално со другите деца во група. Има напредок кај децата, што особено ме радува. Но потребна е континуирана работа и во  домашни услови за што со родителите сме во контакт и разменуваме вежби за работа дома“ – вели Симона Лековска, логопед во детската градинка во Струмица, општина која пред две години ангажираше логопеди во основните училишта кои работат со децата кај кои се детектирани говорни мани.

Институциите најавија ангажирање на логопеди во градинките

Во Македонија функционираат 65 јавни установи за деца – детски градинки. Во нив, според Министерството за труд и социјална политика, вработени се 12 дефектолози и 30 логопеди. Од министерството информираат дека бројот на стручните соработници и работници ќе ги зголемува доколку има потреби од страна на детските градинки. Но тврдат дека вработувања на ваков персонал може да ангажираат и локалните самоуправи.

Со законот за заштита на децата овие профили се предвидени како стручни работници, а логопедите како стручни соработници, со тоа што дефектолозите можат да бидат и воспитувачи во група за деца со посебни потреби. Министерството за труд и социјална политика планира бројот на овие профили во иднина да ги зголеми согласно потребите на детските градинки. Воедно локалната самоуправа, како основач на јавните установи согласно законот за Буџет на Република Македонија може да врши прием на потребен кадар кој што е неопходен во детските градинки. Стручните тимови во градинките ја имаат носечката функција во правилниот развој на децата. Во приоритетите на Владата е и постепено доекипирање на градинките со стручни тимови, заедно со локалните самоуправи“ – информираше портпаролот на министерството, Павлина Симоноска.

Општините од југоистокот најавија вработување на логопеди и дефектолози во детските градинки, но биле ограничени со средствата во нивните буџети. Тврдат дека во матичните општини тешко се обезбедува ваков кадар, па ќе се координирале со Министерството за труд и социјална политика.

Планираме ангажирање на логопеди не само во градинките, туку и во здравството, но за жал на општинско ниво нема логопед што чека работа“ – вели Герасим Конзулов, градоначалник на Радовиш, кој не ја исклучува можноста дел од кадарот во градинките да се пушти на дообука за да има вештини за рана детекција на децата со говорни нарушувања.

Во план ни е. Ќе се потрудиме да ангажираме уште ова година“ – кажа градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, без да прецизира кога. Според него требало детската градинка „Калинка“ да направи анализа од потреба на стручен кадар, па во координација да се решават проблемите.

 

Во југоистокот, нема невработен логопед

Во општините од југоистокот нема многу стручен кадар кој може да помогне за детекција и отстранување на говорните нарушувања кај децата во раниот детски развој што претставува дополнителен проблем. Станува збор за логопеди, дефектолози или специјални едукатори и рехабилитатори кои според образовните профили може да помогнат на ова категорија деца.

Според евиденцијата на Агенцијата за вработување, во југоистокот невработен логопед нема. До завчера на официјалниот сајт имаше само едно лице кое се водеше како активен барател на работа со звање специјалист – клинички логопед. Сега според сајтот на активни баратели на работа на АВРМ во Струмица има невработено лице со звање специјален едукатор и рехабилитатор од областа на дефектологијата, кој исто така може да помогне за рана детекција и отстранување на говорните нарушувања. Такво лице невработено има и во општина Богданци.

Во Валандово и Радовиш има по еден невработен дефектолог. Сликата не е поразлична ниту во останатите општини и региони во државата кога станува збор за ваков специјализиран стручен кадар.

Родителите да комуницираат со децата, без мобилни и таблети со цртани филмови

Најчести пречки при говорот на децата во предучилишна возраст се развојна дисфазија, пелтечење и дислалија. Сите тие се детектираат после втората или третата година од растот на децата или пак со почнување на говорот. Според Влатко Цветковски, логопед од Струмица, родителите се клучната алка. Тие треба да го следат развојот на своето дете, посебно после првата година дали воопшто и како изговара одредени зборови. Нарушувањата, според Цветковски, најмногу се појавуваат поради давањето мобилни и таблети на децата, но и претераното гледање телевизија на децата. Но има и заради ризична бременост или наследни гени од родителите.

Најпрво треба да се утврди со кои пречки се соочува детето при говорот. Дали има забавен говорен развој, пелтечење или оштетување на гласови односно букви и слогови. Па потоа се превземаат соодветени програми за работа со нив. Терапиите се получасовни по однапред утврдена динамика. Најдобри резултати има кога со одредено дете работи и логопед и дефектолог. Клучната улога ја имаат самите родители кои по првата година на своето дете треба да констатираат дали тоа има разбирање на поимите за предмети и лицата што го опкружуваат, односно дали детето говорно експериментира со одредени зборови кои веќе се слушнати или повторувани. Значи треба да има комуникација со лесни зборови и вербални налози за извршување и тоа на забавен детски начин“ – вели Цветковски.

Спроед него потребно е потикнување на двонасочната комуникација меѓу родител и дете со играчки и истражување на средината, но никако нивно „замолчување“ со давање мобилни, таблети или цртани филмови на телевизија со странски јазик.

Логопедската фела тврди дека децата до 18 месеци треба да имаат фонд од најмалку 50-тина зборови, додека во втората година смислено треба да поврзува два или три збора при што децата мора да користат именки и глаголи, а веќе во третата година да поврзува реченица и поставува основни прашања.

Спасе Додевски, дефектолог при ООУ „Сандо Масев“ од Струмица, кој е одговорен за паралелките за деца со аутизам, смета дека заради динамичното време родителите се помалку одвојуваат време за децата за да ја осознаат средината и да им помогнат при комуникацијата. Децата имаат свој свет и континуирано имаат желба да допрат одредени предмети, да видат нешто ново и да почнаат да пуштаат гласови согласно нивната имагинација, фантазија што резултира и со испраќање на гласовни пораки.

Родителите треба да им дозволат, да им помогнат на децата во тој ран детски развој да ја осознаат средината за да имат нормален развој за да почнат да зборуваат. Но родителите или немаат време или пак со желба да ги заштитат, ги спречуваат несовесно. Во последно време заради динамичниот живот, во потрага за егзистенција на децата од една, две или три години им се дават таблети, телефони, лаптопи за да бидат мирни или гледат цртани филмови. Сето тоа ги збунува децата во говорната ориентација и се појавуваат проблеми. Нема претстава за говорна комуникација“ – вели Додевски, кој апелираше до родителите децата штом проодат да им се посвети повеќе внимание за двонасочна комуникација.

Децата со мобилни телефони или оставени пред телевизија не чуствуваат потреба да комуницираат. Им се нарушува спонтаноста и функционалната игра, која го стимулира детето повеќе да истражува, брбори, зборува. Децата во тој период само примаат, но не даваат говорни пораки. Комуникацијата на релација родител – дете, не треба да биде со сила, туку преку игра“ – вели Додевски кој смета дека државата треба да воведе системски решенија за рано детектирање на овој проблем.

 

Државата плаќа само двајца логопеди во здравството во Југоистокот

Ситуацијата да биде уште покатастрофална, логопеди нема ниту во здравствените домови во општините од југоистокот. На товар на Фондот за здравство се само двајца логопеди кои се вработени во Здравствениот дом во Струмица. Нема во останатите општини, па родителите кои сакаат прегледи за да констатираат дали нивните деца имат говорни нарушувања, мора да патуваат во Струмица, Штип или Неготино, како најблиски центри во југоистокот, со што се изложуваат на дополнителни трошоци.

За жал ние сме само двајца логопеди во здравството и ги покриваме лицата што имат говорни проблеми од Струмица, Гевгелија, Валандово, Радовиш и Берово. Многу сме малку и не можеме да ги покриеме потребите“ – вели Марија Настева Џекова, логопед во Здравствениот дом во Струмица, која пред неколку години при систематски прегледи во градинките воочила поразителни резултати околу говорните нарушувања.

Бројките се поразителни. Колку за илустрација, општо во детска градинка, во група од 20 деца, десеттина имат говорни пречки, а за овој проблем ниту се зборува ниту се превземаат некои чекори. Се смета дека детето како што расте ќе проговори, но тоа е погрешно. Затоа лично мислам дека логопедски и дефектолошкиот преглед треба да биде задолжителен уште по првата година од раѓањето. Ние ќе констатираме дали комуникативниот и говорен развој е правилен за да може навреме да превенираме. Паралелно преку задолжителните прегледи може да детектираме и поголеми пореметувања, како што е аутизам или други нарушувања“ – вели логопедот Марија Настева Џекова, вработена во Здравствен дом во Струмица.

Од министерството за здравство информираа дека здравствените институции од југоистокот треба да достават барање за ангажирање на логопеди во нивните установите, врз основа на реалните потреби. Тврдат дека досега не се доставени барања за вработување на ваков перосонал како стручни соработници – логопеди од страна на здравствените домови кои пружат примарна здравствена заштита.

Задолжителен логопедски преглед во ран детски развој, бараат здруженијата

Логопедите и дефектолозите преку нивните здруженија сметаат дека бројот на децата со говорни проблеми во предучилишна возраст расте во сите делови од Македонија, а се помалку има институционална грижа за нив. Како што велат тие, логопедските прегледи треба да бидат задолжителни уште во раната детска фаза или при процесот на вакцинација. Тогаш стручните лица ќе констатираат одредени неправилности во говорот кај децата до шест години. Силвана Филипова од скопскиот Завод за рехабилитација на слух говор и глас од Скопје, по повод Европскиот ден на логопедијата истакна дека дури 60 одсто од децата во земјава имат говорно – јазични нарушувања.

Во последните неколку години, бројот на децата со нарушувања во говорно јазичниот развој, драстично се зголемува. Според последните истражувања, околу 60 отсто од децата спаѓаат во таа категорија. Потребата од логопеди се зголемува. Потребни се одделенија за ран детски развој, каде на едно место ќе има педијатри, логопеди, дефектолзи, психолози и психијатри, со цел рано да се откријат сите аномалии кај децата, а со тоа рано да се откријат и говорните нарушувања“вели Силвана Филипова од Заводот, која апелираше на поголема вклученост на логопедите во сите нивоа на здравствена заштита со воведување на мултидисциплинарен пристап во третманот на патологијата во вербалната комуникација

Дел од општини во југоистокот имаат ангажирано логопеди и дефектолози во училишта кои работат со учениците со говорни неправилности. Но стручната фела смета дека резултатите и ефектите би биле поголеми доколку ваков кадар има и во градинките, како прв филтер за рано откривање на говорните неправилности. Паралелно алармираат и бараат да има и задолжителни логопедски прегледи во раниот детски развој како можност за рана детекција и превенција и надминување на говорните нарушувања.

Автор Ване Трајков

(Содржината на ова истражувачка сторија е единствена одговорност на авторoт и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *