• Fri. Nov 22nd, 2024

Се отвора спомен-соба на еминентниот поет Иван Василевски

Здружението за наука, литература, култура и уметност “Иван Василевски” денеска, 30 март 2018 г. со почеток во 19 часот во фоајето на НУЦК ” Антон Панов” Струмица организира промоција на книгата “Скршнување” со необјавени стихови од Иван Василевски и песни посветени на поетот и отворање на Спомен собата на Иван Василевски.

 

Книгата „Скршнување“ е поделена на два дела. Во првиот се сместени 14 досега необјавени песни од оставштината на Иван Василевски. Песните се дел од ракописите на Василевски, на коишто работел непосредно пред смртта. Се претпоставува дека се напишани во неговата викенд-куќа на месноста Преведена, на планината Огражден, еден месец пред да почине.
Вториот дел од книгата се песни посветени на поетот, од негови блиски пријатели-поети, како и поети коишто го познавале лично или преку творештвото.

 

Исто така, во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе биде отворена спомен-собата посветена на плодниот автор, кадешто ќе бидат изложени дел од неговите оригинални ракописи, книгите, но и наградите.

Иван Василевски (1947-2015) е поет кој од раната младост е поземен од возбудата на стихот кога ги пишува првите песни и поемите Крвава ноќ и Наташа. Дипломирал на Катедрата за југословенски книжевности на Филозофскиот факултет во Скопје, а најголем дел од работниот век го поминал како новинар и уредник во Радио Скопје, Танјуг и МИА.

Автор е на книгите поезија : Привев во тишината (1977), Црнорисци (1990), Куќа на ѕвездите (1994), Заточени души (2001), Утки (2008), Кула во сонот (2013) и Манастир во зборот (2015) на поемите Александар (1997) и Петнаесетте (2006), кои заедно со поемите Повеј во тишината и Потомците на Чрт се објавени во збирката поеми Одмеѓување на светот (2011). Изборот поезија Сликање на ангелот (2015) ги содржи најзначајните остварувања од неговото 40-годишно поетско творештво. Во 2101 година како засебна книга ја објавува драмата Лоза.

Во 2008 година ја доби наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ за збирката Утки, а за збирката поеми Одмеѓување на светот ја доби наградата „Дијалог“ (2011). Во 2013 година станува лауреат на книжевното признание „Григор Прличев“ за поемата Азбукословецот, најдобра поема на македонски јазик.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *