По повод премиерата на претставата „Црна дупка“, денес, 18 април, во 11 часот, во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ од Струмица се одржа прес-конференција.
Со најновата претстава (покрај изложбата на театарски фотографии), утревечер, на 19 април, ќе се одбележи јубилејот 75 години постоење на струмичкиот театар.
На прес-конференцијата од режисерот, уметничкиот раководител и актерската екипа беше споделено задоволството што во годината на јубилејот се работи текст од Горан Стефановски, а проектот го работи долгогодишниот соработник на струмичкиот театар, режисерот Љупчо Ѓоргиевски. Работата врз овој текст, како што беше речено во искажувањата, беше напорно но и убаво искуство. „Црна дупка“ е претстава за сите нас оти во секој од нас по малку живее еден Силјан, како што се вика главниот лик во претставата, и кој е на некој начин современа верзија на Силјан Штркот од позната прикаска на Марко Цепенков.
Со поканата да дојде и да ја гледа претставата, беше искажана и благодарност до струмичката публика која низ децениите ги следела театарските претстави на струмичкиот ансамбл.