• Sat. Nov 23rd, 2024

Сеќавање: Киро Донев Лаф-муабет со…. Видое Подгорец

Киро:  Роден – пред 40 години. Умира  – секој ден, а сепак –  живее! Ама на кредит (без жиранти). На Татковината ѝ се оддолжува на рати, секоја година со по две нови книги! Надгробниот споменик си го ѕида сам. Денот на неговото откривање е непознат.

Овој лаф-муабет со него го водев во подрумот на неговата душа на 1 март по стариот календар, во 1975 господово лето.

Киро: Ајде Подгорец, кажи некој збор?

Видое: Понекогаш е најдобро да пееш во хор!

Киро: Од секаде провев и по некој ѕирка?

Видое: Ако, секој игра по нечија свирка!

Киро: Зошто од поодамна во „Буќет“ те нема веќе?

Видое: Краток е животот на кафеанското цвеќе!

Киро: Чинам дека често другаруваш со Ромите?

Видое: Поздрав е пелинот, отколку бонбоните!

Киро: Како ја прими во Струга наградата?

Видое: За сè што е минливо, ти прашај  ја брадата!

Киро: Сè  почесто накај Москва одите?

Видое: За тоа се виновни-преводите!

Киро: Првите „мечови“ на туѓ терен ги доби?

Видое: Кај нас е тешко – ледот да се здроби!

            Киро: На кој сокак е денес детската литература? Кон каков оди двор?

Видое: За двор не можам да кажам, но сокакот ми е – ќор!

            Киро: Издавачите сè помалку ја издаваат неа. За тоа што велите?

Видое: Тие забораваат, куќата не се гради од покривот, туку – од темелите!

Киро: А на критичарите им е посериозна природата?

Видое: Ама и тие понекогаш ја матат водата!

Киро: А, што ќе речеш за хонорарите?

Видое: Ние создаваме-други ги собираат парите!

Киро: И на лектирата  ѝ се искинаа „влечките“?

Видое: Пчелите работат – медот им го јадат мечките!

Киро: Што ќе речеш за „глувчешките теми“ во поезијата?

Видое: Кај нас за слоновите е слаба ерозијата!

Киро: Еден слон,  седи на гранка  и – пее?

Видое: Така е, кога славејчето – не смее!

Киро: Мислиш ли на „златното“, или на живото?

Видое: Сеедно е, поскапија и виното и пивото!

Киро: Слушам се раѓа уште едно Циганче – третото?

Видое: Нормално, не може да му спречи доаѓањето на летото!

Киро: Каде го откри каменот на мудроста: на Балканот, во Азија, Африка или во Шпанија?

Видое: Ако ги зариеш рацете подлабоко во казанот – ќе најдеш сè иста боранија!

Киро: Што готви сега твојата литературна „тава“?

Видое: Неколку нови романи по жител на глава!

Киро: Конечно и ти почна да работиш. Веќе цела недела не си напишал и објавил ниту еден роман. За тоа многу ми е криво.

Видое: Тогаш ајде за тебе едно сокче, а за мене едно пиво!

Објавено во весникот „Вечер“ на 1 март 1975 година

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *