СДСМ нема да ги остави граѓаните во неизвесност и да бега од избори со оправдување дека имаме здравствена и економска криза. Напротив, имаме сериозна намера во текот на јуни, доколку здравствените и стручните работници дадат дозвола, да организираме избори кои им се неопходни на државата и на граѓаните, велат од партијата, пренесеува Макфакс.
Од таму наведуваат дека нема поважен приоритет од здравјето и животот на граѓаните и затоа нвниот став е дека парламентарните избори треба да се спроведат во првиот момент кога ќе ја совладаме епидемијата.
„Соочени со фактот дека епидемиолозите научно дискутираат дека е можно повторно да се појави вирусот, а потоа одново да има голем број заразени, неопходно е да се искористи првата можност по спласнување на здравствената криза затоа што тоа е одговорно пред граѓаните“, соопштија од СДСМ.
Од партијата истакнуваат дека државата не смее да влезе во целосна уставна криза. Појаснуваат дека комплетните рокови за актуелниот мандат на пратениците истекуваат на 11 декември и потоа следува криза која не е обработена во Уставот.
„Оттаму, имајќи ги предвид сите информации и аргументи за здравствената криза, СДСМ смета дека при првото олабавување од коронавирусот неопходно е да се организираат избори. Постојат примери во регионот и во Европа каде што политичките партии веќе закажуваат датуми за избори во текот на јуни. За разлика од другите држави, ние имаме дополнителни причини да одиме на избори, немаме парламент и немаме политичка Влада, туку само техничка“, велат од партијата.
СДСМ повикува изборниот процес, кога ќе се создадат услови, да продолжи онаму каде што е застанат. Партиите имаат поднесено листи со кандидати за пратници, а завршени се и други процедури.
„Затоа СДСМ ги повикува сите политички субјекти да не ја ставаат државата во ризик и да предизвикаат дополнителна уставна криза, туку да покажат одговорност и да го прифатат првиот можен рок за избори, кој најверојатно би бил кон средината на јуни. Покрај опасноста од нов бран здравствена криза на есен, изборите се неопходни и поради економската ситуација. Колку побрзо државата има легитимно избрана влада толку економските последици ќе бидат помали. Со избори во јуни се прават напори економската криза да биде совладана во што пократок период“, велат од СДСМ.