Безбедното одвивање на сообраќајот зависи од многу фактори. Секако, најважен и одлучувачки фактор е факторот човек, но не смееме да ги заборавиме и занемариме и останатите фактори, како: временските услови (магла, дожд, снег, голомразица), типот на патот по кој се движиме (автопат, регионален пат, локален пат,…) или делот од денот во кој се одвива сообраќајот. Возењето во есен, носи многу предизвици за возачите, особено за помладите и по неискусните возачи. Коловозите се влажни, денот е пократок, видливоста е намалена, честа појава на магла, дожд, ветер, одрони на пат, животни на пат, итн.
Водејќи се од тоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со совети до возачите на што да внимаваат во сообраќајот и како да се однесуват во сообраќајот во есенски услови:
• Возење во услови на магла
Маглата е карактеристична односно честа појава за овој период од годината. Затоа, секогаш кога се движите низ магла вклучете ги соборените светла и светлата за магла, почитувајте ги ограничувањата за брзина и не престигнувајте се до моментот кога вашето видно поле не стане чисто, а вашето престигнување безбедно. Држете безбедно растојание и секогаш бидете подготвени за брзо и безбедно запирање на возилото.
• Внимателно возење на дожд и влажни коловози
Дождот и влажните коловози исто така се редовна појава во есен. Затоа, возете внимателно и имајте во предвид дека влажните коловози го зголемуваат сопирачкиот пат на возилото и ја искривуваат траекторијата за запирање на возилото. Дополнително опасноста се зголемува доколку на коловозот има места на кои се собира вода, кал, лисја, остатоци од масло и гориво и други остатоци, бидејки тогаш самиот процес на запирање на возилото станува уште посложен и потежок. Особено внимавајте кога возете по колотраги кои се честа појава на коловозите а кои обично се полни со вода, кал и други остатоци. Во такви услови задолжително намалете ја брзината и избегнувајте да возите по колотраги доколку за тоа постои можност.
• Внимавајте на голомразица
Голомразицате е исто така еден од важните фактори од кои зависи безбедното одвивање на сообраќајот во есен и зима.Затоа,бидете особено внимателни на голомразица, особено ако патувате во раните утрински или во доцните вечерни часови.Голомразицата обично се појавува кога се движите низ високи и осојни планински места каде што има остри кривини, на подвозници, надвозници, мостови, пред влез и излез на тунел,итн. Доколку се соочите со голомразица на коловозот клучно е да останете присебни и концентрирани, да не паничете и да не преземате нагли дејствија односно нагло свртување или нагло сопирање на возилото. Држете го цврсто управувачот и умерено и постепено стискајте на педалата за сопирање или зависно од состојбата понекогаш само пуштете ја педалата за гас и немате потреба да стискате на педалата за кочење се до моментот додека возилото не „загребе“ на сув коловоз.
• Сигурно возење низ ветар
Силниот ветер ја намалува безбедноста во сообраќајот, посебно на отворен пат – автопат.Во услови на силен бочен ветер, намалете ја брзината на движење на возилото затоа што тоа може да го наруши правилното движење на возилото, да ја наруши неговата стабилност и на тој начин да се загрози безбедното одвивање на сообраќајот. Во ваква ситуација важно е да бидете подготвени да го застанете возилото во секој миг. Доколку превезувате некаков товар, проверете дали е добро зацврстен. Внимавајте на паднати дрвја, гранки и друго.
• Внимавајте на одрони на патот
Временските услови во есен (поројни дождови, силни ветрови, високи температурни разлики помеѓу денот и ноќта, итн.), може да предизвикаат појава на одрони на пат, наноси на земја, песок, камења на патот, итн. што може да биде многу опасно за сообраќајот. Затоа возете внимателно, особено ако возите во услови на невреме или веднаш после невреме, во планински предели или во други непознати области каде што не ги знаете доволно карактеристиките на патот. За безбедно возење во есен клучно е да ја намалите брзината, да бидете концентрирани и да управувате технички исправно возило, во прв ред да поседувате добри и квалитетни пневматици.
извор: Макфакс