Министерството за образование и наука потсетува дека во тек е аплицирањето за стекнување на правото на студентска стипендија во академската 2020/2021 година, кое трае заклучно со 30 ноември.
– Конкурсите се објавени на интернет страницата на МОН, а потенцијалните кандидати кои ги исполнуваат конкурсните услови, можат да одберат својата апликација заедно со сите потребни документи да ја достават или хартиено преку архивата на МОН, или пак, да аплицираат електронски преку интернет-платформата. Кандидатите кои ќе аплицираат електронски, немаат обврска да ги достават документите хартиено и обратно – студентите кои поради било каква причина немаат можност или нема да одберат да аплицираат електронски, ги доставуваат документите само хартиено во МОН, а апликацијата ќе се смета за валидна и ќе биде предмет на разгледување од надлежните комисии“ соопшти Министерството за образование.
Имајќи ја предвид актуелната епидемиолошка состојба во државата, во интерес на заштита на личното здравје, а со тоа и заштита на јавното здравје, Министерството за образование и наука упатува апел до студентите, доколку се во можност да го искористат електронскиот начин на поднесување на апликацијата.