Македонската одбојкарска репрезентација ги украде срцата на фановите. И на оние што малку го гледаат или познаваат овој спорт. Нивната непосредност, борбеноста, опуштеноста по натпреварите, но и очигледната поврзаност ги направи нови спортски ѕвезди на македонското небо.
И додека тие ги освојуваат и терените и симпатиите, ние од овде ги бодриме и поштено се фалиме дека речиси цела репрезентација се „наши деца.“ Струмичани се особено горди на своите сограѓани деновиве: ги потенцираат заедничките познанства, вадат стари фотографии од албумите и архивите, а и зошто да не? Кој не би сакал да се идентификува со убавите примери од нашето секојдневие?
По таа аналогија, морав да го контактирам репрезентативецот што лично го познавам, Ристо Николов. Екологист, спортист, непосреден човек. Синоќа, иако преморени од адреналинскиот натпревар и успехот, одговори на пораките, а уште утрово и на прашањата.
Не’ интересираше како се држат, дали се дружат? Како изгледа да си дел од едно такво масовно натреварување? Вели дека се’ се одвива во најопуштена и најдругарска атмосфера. Играчите се познаваат меѓусебе, блиски се, речиси семејство. Заедно растеле, напредувале, ги знаат своите добри и лоши страни. Смета дека таква поврзаност и поддршка немала ниту една генерација одбојкари.
Можеби и затоа нивната игра е забележителна на ова Европско првенство. Николов вели дека сега имаат најдобри услови за работа. Најлошите биле пред пет години. Затоа и се вивнаа меѓу најдобрите европски репрезентативци. А што се однесува до учеството на Европското првенство, немале никакви зацртани цели. Излегуваат на терен, играат како да е последна игра. Со страст и со срце. Немале никаков притисок, но желбата за докажување сепак ги донесе до две значајни победи. Речиси неверојатни, доколку се споредат досегашните искуства и освојувања, особено на Словенија.
Вечерва им држиме среќа, нека продолжат да се радуваат, да не’ радуваат. Оваа генерација одбојкари бездруго го заслужува тоа!