Немам што да откријам, се чувствувам добро, кажа германската канцеларка Ангела Меркел пред медиумите, одбивајќи да одговори на дополнителните прашања за нејзиното здравје, односно да открие дали се консултирала со доктори или дали се работи за нешто посериозно од стрес, дехидратација, или пак замор, пренесува „Форбс“.
Меркел во четвртокот на самитот Г20 кој се одржа во Јапонија, се обидуваше да ги стави под контрола нејзините растреперени раце за време на официјалната церемонија, слично како и во случајот од претходната недела, додека стоеше покрај Владимир Зеленски за време на неговата посета во Берлин.
Светската сцена не е место за чување тајни. Ова стана кристално јасно откако низ германските медиуми се прошири информацијата дека странски разузнавачки агенции сега се обидуваат да дојдат до здравственото досие на Меркел, со цел да откријат дали тресењето на нејзините раце е резултат на нешто посериозно. Еден од таквите извештаи сугерира дека германската канцеларка страда од невролошки проблеми. Нејзините здравствени досиеја, наводно, се чуваат во воен објект.
По тресењето на рацете во два наврати во последниве десет дена, здравствената состојба на Меркел се најде на насловната страница на германскиот весник „Билд“. Но, и покрај шпекулациите, „Билд“ исто така напомена дека нејзината ситуација може да му се случи на секој од светските лидери. Меркел патуваше низ различни временски зони, 32 часа во Осака, дополнителни 22 часа патување со авион, четири работни сесии, десет состаноци, како и средби со американскиот претседател Доналд Трамп, кинесктиот претседател Си Џинпинг, како и рускиот претседател Владимир Путин.
Медицинските експерти изјавија дека, која и да е причината за здравствените проблеми на Меркел, треба да биде и да остане приватна работа, но исто така, неоткривањето на причините, може да се толкува покажување слабост од нејзина страна.
Германската јавност обично ја почитува приватноста на нејзините лидери и политички фигури, што не е случај во САД или Велика Британија, но дури и Германците сега бараат одговори. Сепак, владеењето на Меркел се ближи кон својот крај, а ќе биде наследена од Анегрет Крамп-Каренбауер, која исто така го презеде водството во партијата на Христијанско-демократската унија од канцеларката.