Денеска во Струмица пуштена е во употреба Пречистителната станица за третман на отпадни води што ја работеше ВТА членка на ЕВН групацијата од Австрија . Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, кој присуствуваше на свеченоста, истакна дека со ова, Струмица како најголем регион на раноградинарско производство ќе биде на мапата на квалитетно и здраво еколошко производство на земјоделски производи.
-Проектот Пречистителна станица е финансиран со средства од ЕУ преку Оперативната програма з арегионален развој. Првично беше димензионирана на 10 милиони евра, а денес завршивме на 6,5 милиони евра, што кажува многу. Изградбата заврши во период од една година и станува збор за објект со модерна технологија каква што ја познава Европската унија, нешто во што Струмица е лидер кога станува збор за реализација на проекти со нови технологии и решенија, рече Заев.
Додаде дека тенденцијата на Владата е секое населено место со над 10 илјади жители да има пречистителна станица за третман на отпадни води, како и примена на технологии за рециклажа на цврст отпад, а Македонија, според Заев, цели да ги исполни европските стандарди за заштита на животната средина како врвен приоритет за здравјето и квалитетот на живот на граѓаните.
Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, истакна дека унијата ја поддржува Македонија и во реализацијата на реформите во секторот вода.
-ЕУ заедно со државата работиме на реформите во секторот води со цел да с еобезбедат одржливи услуги за водоснабдување на сите граѓани. Време е да осигураме дека со нашите водни ресурси се управува на добар начин за сите граѓани и за генерациите кои доаѓаат. За тоа треба време и труд и ние сме тука како ЕУ, да ви помогнеме во реализација и достигнување на амбиционзите цели од Директивата за води, рече Жбогар.