Просветните работници во понеделник на штрајк
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) за понеделник (11 април) најави генерален штрајк на своето членство во градинките, основното и средното образование поради нивните барања за усогласување на платите во просветниот сектор со минималната плата.
Од Синдикатот велат дека станува збор за класичен штрајк, односно дека вработените нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес.
„Членовите на СОНК, заради немање слух на надлежните, мора да ги бараат правата кои им следуваат со закон и колективен договор, преку искажување на јавно незадоволство, односно преку Генерален штрајк. Оттука, СОНК ги повикува своите членови да останат единствени и сплотени во борбата за заштита на своите права, преку која сите засегнати во државата ќе ја сфатат сериозноста, силата и големината на нашиот Синдикат. СОНК бара разбирање и поддршка од родителите на учениците, заради времениот прекин на воспитно-образовниот процес односно прекинот на работа на детските градинки, основните и средните училишта, како и ученичките и студентските домови“, велат од СОНК.
СОНК изминативе недели оствари повеќе средби со Владата и со социјалните партнери Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, но од Синдикатот велат дека преговорите не довеле до никаков резултат.