• Thu. Nov 21st, 2024

Промоција на „Малиот Бог на Земјотресот“ на Петар Денчев во Europe House Струмица

ByЃ. K.

May 27, 2024

На 28 мај (вторник) во Europe House Струмица ќе се одржи промоција на преводот на македонски на романот „Малиот Бог на Земјотресот“ на Петар Денчев. Разговорот ќе го води Далибор Плечиќ.

Петар Денчев (1986) е бугарски писател и театарски режисер. Дипломирал театарска режија и поставил претстави во најголемите театри во Бугарија. Книжевното деби го прави со раскази и поезија кои веднаш се наградени или номинирани на разни конкурси. Автор е на книги поезија, раскази и романи. Има објавувано во речиси сите бугарски весници и списанија како и во американското „The Litter Box Magazine“ и на хрватскиот сајт „Критична маса“. Преведен е на неколку јазици.

Романот „Малиот Бог на земјотресот“ започнува како и многу други: со разделба. Жена го напушта мажот без посебна причина и го прави тоа старомодно, со белешка напишана на рака. Главниот лик, нереализиран филозоф и сопственик на цвеќара, сака да открие зошто заминала сопругата и се впушта во трауматично патување низ минатото. Талка во својот гардеробер, по софиските улици, среде чаршијата во Скопје…
Дали оваа интензивна потрага е во состојба да го надмине чувството за живот составено од страв и недостиг? Возможно ли е еден личен Бог да го стабилизира свлечиштето на животот за да го забави напредувањето на лудоста, која ги претвора луѓето во машини?

By Ѓ. K.