Вчера на струмичкиот плоштад, во организација на „Отворени забавни фудбалски школи“, а со поддршка на НЛБ Банка – АД Скопје и Општина Струмица, низ спортски, забавни и музички содржини, беше реализиран проектот „Растеме во шампиони“.
На овој настан, преку промоција на грасрутс активности, учество зедоа стотина момчиња и девојчиња, меѓу кои и деца со Даунов синдром. Основна цел на овој проект е подигањето на свеста за вклучување на децата и младите во разни спортски активности како еден од нужните предуслови за водење здрав начин на живот.
Инаку, Струмица е еден од десетте градови во државата во кој успешно се реализира проектот „Растеме во шампиони“, а нашиот град и овој пат се покажа како извонреден домаќин.