• Fri. Nov 22nd, 2024

Пристигнаа 12 респиратори и пет илјади маски „Н95“ донација од Европската Унија

Како дел од проектираната помош на Европската Унија од четири милиони евра за итни медицински потреби, денеска во Скопје пристигнаа 12 респиратори, како и пет илјади заштитни маски „N95“. Набавката е реализирана преку агенцијата на Обединетите нации УНОПС, во соработка со Секретаријатот за европски прашања, како надлежна институција за координација на странската помош во земјава, пренесе Макфакс.

„Овие 12 машини ќе го зајакнат капацитетот на здравствениот систем за справување со епидемијата и соодветно третирање на пациентите, што е еден од главните предизвици во справувањето со епидемијата. Во овие сложени околности и отежнати услови за набавка на овие респираторни машини, набавката и доставата на овие машини претставува огромен успех“, порача Османи, упатувајќи посебна благодарност до претставниците на ЕУ во земјата, како и до администрацијата задолжена за реализација на набавката.

„Особено сум горд на вработените во Секретаријатот за европски прашања, кои во соработка со агенцијата на ОН успеаја да ги надминат сите технички, процедурални и транспортни предизвици за да ја обезбедат оваа сложена набавка“ – порача Османи.

Респираторите кои денес пристигнаа во земјава се произведени во Јужна Кореја, а според договорот потпишан на 3 април, останува преку УНОПС да се испорачаат уште осум респираторни машини или вкупно 20. Во рамките на помошта од Европската Унија, во континуитет пристигнува медицинска и заштитна опрема согласно утврдената приоритетна листа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *