Од 7 до 14 јуни оваа година во Прилеп ќе се одржи новото издание, педесет и осмо по ред, на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Концептот на годинашното издание на фестивалот е со наслов „Ново читање“. Во првиот програмски дел се селектирани претстави кои нудат нов сценски прочит на пиесите на авторот во фокус – Горан Стефановски. Во вториот програмски дел се селектирани претстави кои нудат ново читање на некој класичен драмски текст.
Претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски, а во режија на Љупчо Ѓоргиевски, е селектирана за првиот програмски дел и таа ќе биде изведена на фестивалот паралелно со други три претстави кои, исто така, се работени по текстови на Горан Стефановски.