Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Хеленската Република во Република Северна Македонија, Н.Е. г. Русос Кундурос.
На церемонијата, претседателот Пендаровски рече дека односите меѓу двете земји денес се карактеризираат со пријателство, висок степен на политички дијалог и посветеност на политиката на добрососедство и регионалната соработка. Претседателот Пендаровски изрази и уверување дека во периодот којшто следи приоритет ќе биде реализација на конкретни проекти, коишто ќе влијаат на натамошно интензивирање на економските релации.
Амбасадорот Кундурос истакна дека Грција е подготвена да ја поддржи нашата земја во процесот на пристапување кон Европската Унија и искажа цврста заложба за јакнење на севкупните билатерални односи, со посебен акцент на унапредување на економската соработка.