• Fri. Nov 22nd, 2024

ПРЕМОСТУВАЊА – Изложба на дигитални дела на Стефан Јакимовски во Струмица

ByЃ. K.

Feb 23, 2024

Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен концепт-проект #ЅидНаУметноста, оваа сабота, 24 февруари 2024 година во 21:00 часот ќе ја отворат изложбата на дигитални дела насловена „ПРЕМОСТУВАЊА“ на проф. м-р Стефан Јакимовски.

„Стефан Јакимовски е графички дизајнер и визуелен уметник кој во зависност од процесот и потребата создава ангажирани дела, наменски или пак одлободени, неформални, артистични. Едните прецизни и коректни, тематски, во кои може да се види тој препознатлив графички ракопис на уметникот, и тоа не само по дефиниција, додека другите, вторите – слободни, недефинирани во својата експресија, си играат симболично со формите и перспективата. Тој создава приказни, како што е насловена една од неговите изложби, а со „Премостувања“ правиме артифицијално дигитално поврзување на дел од неговите дела кои навидум немаат поврзувачки точки. Изложбата „Мостови“ од 2016 година е само предвесник на плакатите од една страна и уметничките графички решенија од друга страна кои ја формираат оваа неконвенционална серија „Премостувања“.

Стефан Јакимовски е уметник кој е препознаен на домашната и светската сцена по своите награди и признанија, но вистинска награда за секој љубител на уметноста е да се погледнат неговите дела и на момент да се побегне, премине, премости во неговите дигитални универзуми, каде успешно жонглира со темите кои го окупираат секојдневно.“ – пишува Митко Гогов во освртот кон изложбата „Визуелната динамика и интерактивност во микрокосмосот на Стефан Јакимовски“

Проф. м-р Стефан Јакимовски (1982) по завршување на средното образование се запишува на Факултетот за ликовни уметности Ф.Л.У. Скопје „Универзитет Кирил и Методиј“, на оддел графика (насока графички дизајн) во класата на проф. м-р Димитар Малиданов, кај истиот професор завршува и постдипломски студии во 2008 година на тема Мултимедијален пристап во графиката (Графичкиот израз и мултимедијалното дизајнирање и проткајување на ликовните медиуми).

Активен член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија-ДЛУМ, Друштвото на ликовни уметници на Куманово-ДЛУК, Фото кино клуб “Козјак” и Интернационалната дизајнерска асоцијација CEIDA (ЦЕИДА). Тој е редовен професор на Факултетот за дизајн и мултимедија при АУЕ-ФОН-Универзитет и основач на катедрата за графички дизајн на истиот факултет. По покана одржува гостински предававања на Балкански универзитет-Скопје, Универзитет Мајка Тереза-Скопје, но и научно-истражувачка посета на IT-University of Chopenhagen-Данска одеел за дигитален дизајн. Предава предмети од областа на графика, графички дизајн, типографија, плакат, корпоративна комуникација и друго.

Автор е на многу графички решенија и учесник на меѓународни конкурси, симпозиуми и изложби. Има реализирано 7 самостојни изложби и учествувал во над 50 групни изложби во земјата и надвор. Добитник е на домашни и странски награди и признанија. Јакимовски е член на повеќе стручни жири комисии, рецезент на книги за средно стручно образование и ментор на наставни и вон наставни проекти.

By Ѓ. K.