Претставници од Меѓународниот Балкански Универзитет беа во работна посета на Општина Дојран.
Пред заинтересираните студенти и пошироката јавност беа презентирани можностите и начините за добивање на 10 стипендии за студирање на Меѓународниот Балкански Универзитет.
Општина Дојран од оваа година исто така ќе стипендира 5 талентирани студенти, а на споменатата средба беа презентирани условите за добивање на стипендиите поддржани од општината.
Заинтересираните студенти кои вчера немаа можност да присуствуваат на настанот за подетални информации во врска со стипендиите може да се обратат во просториите на Општина Дојран или по електронски пат.
На вчерашната средба беше презентиран и Проектот за реконструкција на постојниот хотел „Јака“ лоциран во централното подрачје на Стар Дојран, изработен од студенти по архитектура од Катедрата за Архитектура, Технички факултет под менторство на проф. д-р Александар Андовски и доц. м-р. Надица Ангова Колевска, проект првично инспириран од потребите на граѓаните кои живеат во општината. Проректорот за унапредување на Универзитетот, проф. д-р Александра Ристовска како и деканот на Техничкиот факултет, проф. д-р Делчо Лешковски целосно го поддржаа настанот со своето присуство.
На информативната средба, на присутните им се обрати проректорот за унапредување на Универзитетот, проф.д-р Александра Ристовска, како и академскиот кадар на Катедрата за архитектура, изразувајќи неизмерна благодарност за организацијата на настанот, како и за доделената одговорност и можност за спроведување на овој и слични проекти во иднина, со надеж дека ваквите иницијативи и соработки ќе продолжат со ист интензитет.