Први насоки за онлајн медиумите
За подобрување на професионалните стандарди на онлајн медиумите, Мисијата на ОБСЕ во Скопје го поддржа Советот за етика во медиумите (СЕММ) во изготвувањето Насоки за етичко известување на онлајн медиумите, кои денеска беа објавени во Скопје.
Насоките изготвени по широка консултација со медиумската заедница во Северна Македонија, ќе помогнат во развојот на солиден и кредибилен систем за саморегулација на медиумите на Интернет и зајакнување на независното, професионално и одговорно известување на Интернет.
-Етичките стандарди треба да се применат на сите медиумски платформи бидејќи етичките предизвици на новинарството се валидни и офлајн и онлајн, рече шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.
Според извршната директорка на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, во сите демократски општества саморегулацијата е најдобриот начин да се зголеми одговорноста на онлајн медиумите и да се превенира носењето непотребна медиумска регулатива. Околностите, како во работењето на традиционалните, така и во онлајн медиумите, брзо се менуваат што бара постојано унапредување на етичката рамка.