Изминативе неколку години хорор-жанрот е преплавен со зомби тематика. Многу режисери се одлучуваа за постапокалиптични сценарија поврзани со зомбиња кои го преземаат светот. Но, македонската кинематографија не можеше да се пофали со ниту еден филм од овој жанр.
Режисерот Вардан Тозија го промени тоа режирајќи го филмот „М“, еден од првите македонски филмови со постапокалиптична тематика.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција и станува збор за дистописка бајка во која главен лик е 8-годишниот Марк, кој во суровиот свет обземен од таен вирус е во потрага по својата мајка. Сценариото е на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, а костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек. Маскер е Горан Игњатовски. Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Тони Михајловски, Камка Тоциновска и Бојана Грегориќ-Вејзовиќ.
Во Струмица ќе биде прикажан на 31 октомври („Ноќта на вештерките“), со почеток во 20:00 часот во НУЦК „Антон Панов“.