Се смирува пожарот кај Богданци. По неколкучасовна борба со огнот кој зафати голема површина на ридовите меѓу Богданци и селото Ѓавото, пожарот е ставен под контрола. Гореше нискостеблеста шума и трева околу ветерниците, но тие генерално беа безбедни, бидејќи нивната околина е без вегетација.
Превентивно сепак, дел од ветерниците беа исклучени. Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека акцијата за гасење почнала во раните утрински часови и успеале да го спречат натамошното ширење.
Пожарот почна вчера претпладне и за кратко зафати површина од околу 500 хектари. Во еден момент поради силниот ветер вчера попладне огнот почна да се шири и кон Валандово, но интервенираше и хелихоптер на МВР. Градоначалникот Шапов вели дека постои сомнеж пожарот да настанал од човечко невнимание.
Високите температури и силниот ветер се причина за брзо ширење на пожарите во овој дел од државата. Минатата година пожарот над селото Ѓавото кај Богданци стигна до куќите при што се опожарија и неколку помошни проистории во повисокиот дел од селото.
Прилог на Сузана Мицева