Новата учебна 2020/2021 година почнува денеска, со еден месец одложување. Настава со физичко присуство ќе следат учениците од прво до трето одделение, но и во повисоките одделенија во речиси 600 основни и средни училишта, кои поднеле барања за ваков тип настава и добија одобрение од надлежните. Сите преостанати ученици наставата ќе ја следат онлајн.
Учениците што немаат компјутер или таблет за да следат онлајн-настава преку платформата на Министерството за образование, часовите ќе може да ги следат на Македонската радио-телевизија, на која секој ден ќе бидат прикажувани 15-минутни сегменти за секој наставен час.
Часовите ќе почнуваат во 8.30 часот по утврден распоред за секое одделение, подготвен од Бирото за развој на образованието.
„Оваа година е поинаква од други. Апелирам до сите да ги следат здравствените протоколи и наставните планови. Да останеме безбедни, а притоа да им овозможиме на децата да продолжат да учат и да се разиваат“, напиша министерката заобразование, Мила Царовска, на „Фејсбук“.
Според анализите на МОН, околу 40.000 деца немаат соодветни ИТ-уреди.
извор: Макфакс