Во Министерството за регионален развој и јавни работи во Софија, Бугарија се одржа Официјална церемонија за доделување договори во рамките на Вториот повик за предлог – проекти преку Interreg – ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.
На церемонијата присуствуваше Раководителот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а Жулиета Ѓуркова каде беше потпишан договорот за проектот „Заеднички мерки за спречување и намалување на последиците од катастрофи во општините Сандански и Радовиш“ кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион како Проектен партнер ќе го имплементира заедно со општина Сандански од Р. Бугарија, како Водечки партнер на проектот.
Главна цел на проектот е спречување и ублажување на последиците од природни катастрофи од прекугранична димензија, додека пак главна активност во Југоисточниот регион е уредување на дел од коритото на реката Сушица во општина Радовиш во должина од 624 метри, чистење на коритото, поставување на каскадни прагови, кејски ѕид, уредување на дното, градење скали и рампи.
Ваквите активности ќе овозможат да се уреди коритото на реката, а ќе се изврши и пошумување и позеленување околу коритото со што ќе се направат чекори кон намалување на негативните последици од поплавите како и кон прилагодување на климатските промени во иднина. Исто така ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните во прекуграничниот регион преку зголемување на безбедноста од природни катастрофи.
Проектот е со вкупна вредност од 587.931,97 евра, а ќе се имплементира 24 месеци до јули, 2021 година.