Постои поврзаност помеѓу трите заболени дечиња во централната струмичка градинка. Од Центарот за јавно здравје информираат дека децата всушност три дена биле заедно во градинка и дека најверојатно двете дечиња коишто се регистрирани во саботата вирусот го добиле од другарчето кај кое прв е констатиран вирусот КОВИД – 19.
Комисијата за заразни болести денеска на состанок ќе расправа за воведување целодневен престој во училиштата.
Директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски, истакна дека на состанокот ќе бидат разгледани ставовите на Министерството за здравство, министерот Венко Филипче, како и членовите на Комисијата. Тој посочи дека конечната одлука, сепак, зависи од епидемиолошката слика и од условите и критериумите, кои треба да се исполнат за воведување целодневна настава.
Комисијата навести дека е можно затворање на градинките доколку дојде до влошување на состојбата со коронавирусот, односно дека е можно и да се преземат одредени мерки и да се дадат насоки од Комисијата кон Владата.
Со одлука на Владата, од оваа среда сите родители кои досега беа ослободени со мерките поради коронавирусот, како и хронично болните се враќаат на своите работни места.