Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, во соработка со кафе-барот „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен проект „Ѕид на уметноста“, вечерва, во 21 часот ќе ја отвори петтата изложба на дела, насловена „Портали“ од Христина Мазнеска.
Историчарот на уметноста Марјан Минов во својот осврт кон изложбата ќе напише дека човечката желба за осознавање на далечните вселенски простори и светови, кои паралелно егзистираат со нашиот, е стара и конзистентна со нашето досегашно постоење.
– А несомнено, времето во кое живееме; време на многубројни технолошки достигнувања како само да го дополнуваат тој внатрешен, исконски порив. Таквото настојување за истражување на универзумот и паралелните светови со сигурност може да се согледа во циклусот „Портали“ на Христина Мазнеска, составен од дваесетина дела, работени во различен временски период, различна техника и дополнително дигитално обработени.