Поради натпреварот има посебен сообраќаен режим и посебен режим на движење на пешаци во близина на стадионот, просторот во Градскиот парк во Скопје, од ресторанот „Томче Софка“ до ресторанот „Уранија“ и на Кејот на Вардар од пешачкиот мост во близина на Луна паркот до паркот на Франкофонија, соопштуваат од ФФМ. На овој простор ќе се пропуштаат само луѓе со соодветни акредитации.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе биде затворен за сообраќај и за пешаци потегот од крстосницата на улиците „Аминта Трети“ (поранешна „Ленинова“) и „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од понеделник наутро до вторник доцна вечерта. На денот на натпреварот, зависно од интензитетот на сообраќајот, не е исклучена можноста од затворање за сообраќај и на булеварот „Илинден“ на потегот од објектот на Владата до крстосницата со улицата „Рузвелтова“, соопштува МВР.
Има промени и во линиите на градскиот превоз кои сообраќаат во близина на стадионот. Посебен возен ред има за линиите 25, 28, 60 и City Tour.
На стадион порано и без забранети предмети
На денот на натпреварот вратите на стадионот се отвораат 15 минути пред 18 часот. Дозволен влез ќе имаат сите кои купиле билет. Организаторите апелираат посетителите да дојдат навреме, (најдоцна 90 минути пред натпреварот) за да се стигне со безбедносните проверки и проверките на билетите. До оние кои ќе доаѓаат со автомобили се препорачува истите да ги паркираат подалеку од стадионот. Како и за секој натпревар и на овој забрането е внесување на тврди предмети(запалки, монети, пиротехнички средства, шишиња, алкохол, оружје, чадори, камери, ласери, итн).
Од ФФМ велат дека на стадионот ќе биде дозволено внесување на знамиња единствено на клубовите финалисти, како и националните знамиња на земјите од каде што клубовите доаѓаат (Шпанија и Англија). Знамињата не смеат да бидат поголеми од еден метар, да имаат загрозувачка и дискриминаторска содржина.