На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, преку поетско читање и разговор за поетиката која ја опфаќаат во нивните дела, овој поетски триптих имаше за цел да го доближи творештвото на овие автори поблиску до читателите.
Зоран Анчевски e поет, есеист и преведувач. Професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Претседател е на Македонскиот ПЕН-центар. Член е на ДПМ од 1994 година.
Има објавено 8 поетски збирки што се одлично примени од критиката, високо оценети и наградено со различни награди во земјата и во странство, како што се наградата „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга (1984), меѓународната награда „Џакомо Леопарди“ во Италија (2004), највисоката национална награда за поезија „Браќа Миладиновци“ на СВП за „Небесна пантомима“, како најдобра поетска книга во 2018 година.
Никола Маџиров е македонски поет, есеист и преведувач. Добитник е на наградите „Студентски збор“, „Ацо Караманов“, „Браќа Миладиновци“ и европската награда за млад поет „Хуберт Бурда“, која се доделува на автори родени во Централна и Источна Европа. Неговата поезија е објавена во над педесетина земји во светот, во Европа, САД, Азија, Африка, Латинска Америка и во Австралија и преведена е на 41 светски јазик, меѓу кои и на: персиски, јапонски, хебрејски, шпански, галисиски, каталонски, келтски, хрватски, германски, бурмански, бугарски, хинди, малајалски, тамилски, украински јазик.
Mитко Гогов, пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика.
Автор е на поетските книги „Ледена вода“ (ЕПФ, Србија, 2011) и во Македонија (2014), во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа „Антолог“, „Скриено писмо“ („Антолог“, 2019), „Линијар, Бројки“ („Макавеј“, 2021) и „Бог на ба(к)терии“ („Макавеј“, 2024 – во печат). Добитник е на наградите „Анџело Ла Векија“ (Сицилија, Италија, 2017), „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата (2018) и др. Организатор е на меѓународната манифестација „100 Илјади поети за промена“ за Македонија.