По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Струмица денеска поднесе Обвинителен акт против едно лице од село Добрејци за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, со пресуда на Основниот суд Струмица од 06.02.2020 година веќе е осуден за уште едно такво кривично дело, при што му е одредена казна затвор во траење од 20 години.
Во текот на истрагата, обвинителството прибра доволно докази кои ја потврдуваат основаноста на сомневањето дека обвинетиот, на речиси идентичен начин како и во случајот со претходната жртва Ристо Иљашев, го извршил кривичното дело и кон втората жртва – Александар Мицев од Струмица. Тој го лишил од живот оштетениот на подмолен начин и од материјални побуди.
На 09.10.2018 година, во адвокатска канцеларија во Струмица, обвинетиот и неговата жртва склучиле Договор за купопродажба на недвижен имот – деловна просторија. Притоа, оштетениот се јавува како продавач, а обвинетиот како купувач. По ова, тие заминале во село Добрејци, во работилницата на обвинетиот за наводна исплата на парите во готовина.
Искористувајќи ја приликата кога останале сами и довербата што оштетениот ја имал кон него, обвинетиот испукал два куршума од огнено оружје со калибар 22 (5,6 мм) во пределот на главата на жртвата.
Од здобиените повреди кај оштетениот дошло до пореметување и прекин на работата на важни мозочни центри и настапила смрт.
Обвинетиот го ставил телото на убиениот во метален резервоар за гориво, кој го обвиткал со полиетиленска фолија. Потоа со возило го однел на браната „Турија“ и го фрлил во езерото.