Повеќе од 35.000 ученика треба да се запишат во јавните средни училишта во Македонија во учебната 2018/19 година, стои во Конкурсот за запишување ученици во средните училишта што го објави Министерството за образование и наука. Според објавениот конкурс, за 1292 ученика има место во трите средни училишта во Струмица, и тоа 374 во гимназијата „Јане Сандански“, 374 во СОУ „Димитар Влахов“ и 544 во техничкото средно училиште. На 7-мата Седница на Советот на општина Струмица беше констатирано дека основното деветгодишно образование во Струмица треба да го завршат вкупно 853 ученика, од кои, 563 од општина Струмица, 63 од Ново Село, 101 ученик од општина Василево и 126 од Босилово.
За запишување во средно образование потребно е учениците да имаат завршено основно образование, да не се постари од 17 години, да се определиле за план и програма за еден од следните видови образование: гимназиско, стручно образование и обука; средно уметничко образование; средно образование за ученици со посебни образовни потреби; да ги исполнуваат критериумите утврдени со овој Конкурс.
Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во еден уписен рок со две пријавувања во месец јуни. Првото пријавување и запишување на учениците се врши на 18 и 19 јуни 2018 година, а ранг листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 20 јуни 2018 година. Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 28 јуни 2018 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 29 јуни 2018 година.Пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот рок се врши на 23 август 2018 година, а резултатите од запишувањето на учениците ќе се објават на 24 август 2018 година.
Инаку, средното образование е задолжително за сите.