• Sat. Nov 23rd, 2024

Пендаровски смета дека нема потреба од прогласување вонредна или кризна состојба на цела територија на државата

Во Кабинетот на Претседателот се одржa седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија на која покрај постојаните членови на Советот, присуствуваа и министерот за здравство, Венко Филипче и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Едногласен заклучок на сите членови на Советот е дека посебно признание треба да им се оддаде на граѓаните на општините Дебар и Центар Жупа, каде што е прогласена кризна состојба, кои максимално доследно, коректно, без остаток, ги применуваат сите препораки, сите мерки кои се на сила во тие две општини поради прогласената кризна состојба. Постои максимална и целосна мобилизација на целокупниот здравствен кадар.

Советот за безбедност, рече претседателот Стево Пендаровски, проценил дека во моментов нема потреба да се прогласува вонредна или кризна состојба на целата територија на државата, заради справување со коронавирусот.

„Заклучокот на Советот за безбедност во однос на целокупната ситуација и во однос на она што министерот за здравство го изнесе како можна проценка за евентуално ширење на болеста понатаму на наша  територија, е дека поставеноста на државата во овој момент е соодветна, адекватна на ризиците на коишто сме изложени, за што впрочем зборуваат проценките, оценките и коментарите на Светската здравствена организација, кои до ден денешен тврдат дека ние сме сигурно државата во целиот поширок регион која најдобро, најдоследно ги имплементира мерките кои се наложени од Светската здравствена организација.

Заклучокот на Советот е, ако има потреба, а според вечерашните проценки за тоа нема потреба, можеме да препорачаме како Совет за безбедност, на Владата да прогласи кризна состојба и во други општини, освен во овие две. Општ беше заклучокот дека не е потребно да избрзуваме со голо декларирање на евентуално повисоко ниво на некои состојби, како што е на пример вонредната состојба или кризната состојба на целата територија, затоа што, реков, во овој момент, според сите проценки на надлежниот ресор и министер, опасност дека такво нешто може да се случи не постои или ако поинаку се поставиме со некоја таква новопрогласена правна состојба, не значи дека ќе превенираме ситуација до која не би сакале да дојде“, рече претседателот Пендаровски. 

Јасно е, рече тој, дека кризата ќе трае, а ние мораме ресурсите кои ги имаме да ги димензионираме спрема реалните потреби и спрема реалните ризици.

„Во оваа ситуација, по овој повод би сакал да упатам, во име на Советот за безбедност, апел до граѓаните да ги почитуваат стриктно сите мерки, затоа што тоа е најдобриот начин да се спречи ширењето на болеста, на епидемијата“, рече претседателот Пендаровски, упатувајќи порака до сите граѓани без потреба да не патуваат надвор, особено во земји кои се високо, умерено или средно ризични.

Исто така, Претседателот упати апел до нашите државјани кои работат во другите европски држави или во другите држави во светот, а над 150 се зафатени со овој вирус досега, без голема потреба да не се враќаат во својата земја. Тие имаат право да го сторат тоа, рече Претседателот, меѓутоа поради ситуацијата, секој трансфер преку неколку граници, преку неколку територии, може да ги донесе до ситуација да бидат во контакт со лица кои се заразени.

Сите надлежни институции деноноќно ја мониторираат состојбата на терен и реагираат брзо и навремено, рече Претседателот, а Советот за безбедност постојано ќе ја следи состојбата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *