Пандемијата во земјава дава знаци на стивнување, сметаат надлежните
Дополнителни рестриктивни мерки засега нема, а доколку се појави ширење на вирусот во одреден регион, општина или град, ќе бидат преземени мерки, најави вчера министерот за здравство Беким Сали.
Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје во државава има 17.182 активни ковид случаи од кои најголем број 8.755 се во Скопје. При направени 5.834 тестови регистрирани се 1.908 нови случаи со Ковид-19, 22 починати и 1.129 оздравени пациенти.
– Нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки до следниот состанок на Комисијата за заразни болести, бидејќи во последните два дена има намалување на бројот на новозаболени. Според податоците на Институтот за јавно здравје што на дневна основа ги добиваме пандемијата во земјава дава знаци на стивнување и секој ден има намалување на бројот на новоинфицирани и на хоспитализирани. Се е под контрола. До следниот состанок на Комисијата за заразни болести нема да има потреба од нова мерка, но се надевам дека и граѓаните ќе бидат претпазливи и вакцинацијата ќе расте, рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања.