• Fri. Nov 22nd, 2024

Пак блокиран Фондот за здравство, матичните не може да пријават нови пациенти

Делови од веб-страницата на Фондот за здравство повторно не функционираат. Матичните лекари се жалат дека неколку дена не може да пријавуваат и одјавуваат пациенти.

„Опцијата да пријавиме нови пациенти не е достапна веќе 3-4 дена. И претходно имаше периоди кога е недостапна, паѓа системот, па повторно се враќа во функција, но неколку дена веќе воопшто не е достапна. И тоа во услови кога секојдневно се затвораат ординации со по неколку илјади пациенти поради пензионирање колеги. Како да ги пријавиме тие пациенти? Каде да побараат лекарска помош? Има пациенти со СИДА, кои веднаш мора да се пратат на Инфективна, им требаат боледувања, бараат лекови…“, вели Лилија Чолакова-Дервишова, матична лекарка и претседателка на Здружението на приватните лекари на Република Македонија.

Од Фондот за здравствено осигурување потврдија дека има проблеми со делови од платформата, но не поради напад, како пред три месеци, туку поради модернизација серверите.

„Во периодот се прави миграција и модернизација на серверската инфраструктура, така што се јавуваат одредени тешкотии во работата. На сите заинтересирани страни (матични лекари, аптеки, јавни здравствени установи и осигуреници) им излегуваме во пресрет за да им го олесниме пристапот до услугите што ги користат од Фондот“, велат од Фондот.