Владата ја усвои информацијата за учество на делегацијата на Република Северна Македонија на 43. состанок на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан, и уште еднаш ја реафирмира определбата да се зачува статусот на Охридскиот Регион како светско наследство впишано во листата на УНЕСКО.
Во таа насока, на денешната седница Владата донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион и им препорача на општините од регионот да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на планот за управување со природното и културното наследство.
Истовремено, Владата им препорачува на општините Охрид и Струга во рок од 10 дена да изготват акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО за обврски од надлежност на општините и во рок од два дена по усвојување на акциските планови од страна на советите на општините да ги информираат Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Овие министерства со одлука на денешната седница добија задолжение да ја координираат меѓуинституционалната активност за спроведување на препораките на УНЕСКО и еднаш месечно да ја информираат Владата за прогресот во имплементацијата на препораките.
извор:makfax