Манифестацијата „Дојран – град на култура” официјално ќе биде отворена на 19 март на отворената летна сцена на плоштадот „Под јаворите” во Стар Дојран.
За отворањето на манифестацијата е најавено двочасовно шоу со настап на Каролина Гочева, дуото ДНК и Даниел Кајмаковски. За забава на најмладите ќе настапат членовите од детскиот фестивал „Калинка” и од Студиото за модерен балет „Sweet Dance”.
Со неколкуминутен огномет ќе биде означен крајот на концертот и почетокот на целогодишната манифестација „Дојран – град на култура 2016”.
– Во рамки на манифестацијата предвидени се над педесетина настани во текот на целата година, со акцент на летниот период. Мода, концерти, филмски проекции, летно кино на отворено, денови на театар, стендап комедии, ликовни колонии, поетски вечери, фолклорни викенди, Д фестивал, фестивал на боите итн. Целта на манифестацијата е да привлече домашни, но странски туристи, соопшти Општина Дојран.
За манифестацијата ќе има и специјално лого кое Општината ќе го презентира на прес-конференција во недела напладне во „Порта Македонија“ во Скопје, каде што ќе биде претставена и целата програма на „Дојран – град на културата 2016“.