Претседателот на Сојузот, Менде Стомнароски вели дека откупот непречено се одвива и со овој интензитет може да заврши пред рокот, кон средината на февруари.
-Откупени се преку 15.000 тони и реколтата е помала од договорените околу 22.000 тони. Според овој интензитет, се очекува да заврши во средината на идниот месец, вели Стомнароски.
Потврдува дека тутунарите не се задоволни со оваа цена и затоа ги повикува заеднички да се изборат за повисоки цени по класи.
-Трошоците на живот пораснаа, а и трошоците за производството. Затоа уште сега ги повикувам тутунарите заеднички да се избориме за нови цени, изјави Стомнароски.
Сојузот бара кон средината на февруари средба со Министерството за земјоделство и со откупувачите за нови цени и за законски измени за поголема улога на Сојузот при производството и откупот.
-Потребно е производителите да имаат поголема и рамноправна улога во целиот тек на реколтата, од потпишувањето на договорите до откупот. Сојузот да решава дали ќе се потпишат договорите со цени на кои инсистираат откупувачите, а не како досега тие да ја имаат доминантната улога. Токму дека тоа се приватни компании и дека е пазарна економија. Треба да имаме рамноправно учество како договорни страни, објаснува Стомнароски.
Во меѓувреме има и иницијатива од Пелагонискиот регион за измени во законот за тутун во поглед на увозот.