Денес во Струмица, во спортската сала на СОУУД „Димитар Влахов“, свечено беше отворено Државното првенство во одбојка за основни училишта во женска конкуренција. Во завршницата на првенството учествуваа екипите од: ООУ „Владо Тасевски“ од Скопје – победници на Скопскиот регион, ООУ „Лирија“ од Тетово – победници на Западниот регион, ООУ „Јосип Броз Тито“ од Валандово – победници на Источниот регион, како и претставниците на општина Струмица од ООУ „Видое Подгорец“.
Од името на градоначалникот Костадин Костадинов и Советот на општина Струмица, Државното првенство го отвори членот на Советот, Александар Ненчев, кој во својот говор меѓу другото, истакна:
„Пред само неколку дена во оваа иста спортска сала на Средното општинско училиште „Димитар Влахов“ се одржа Државното првенство во футсал за основните училишта во машка конкуренција, а денес Струмица повторно е домаќин на уште едно Државно првенство за основни училишта, овојпат во одбојка, и тоа во женска конкуренција. Ова само покажува дека нашиот град е еден од најзначајните спортски градови во државава, и претставува вистински магнет за одржување на ваков вид првенства, но и на разни други натпреварувања во повеќе спортови од државен и меѓународен ранг. А кога одбојката е во прашање, тогаш е повеќе од јасно дека Струмица е најодбојкарскиот македонски град. За тоа зборува фактот дека во сосема краток временски период градот под Царевите кули се закити со уште две големи титули“.
Инаку, организатор на првенството е Федерацијата на училишен спорт на Македонија, а домаќин и коорганизатор – Меѓуопштинскиот сојуз на училишен спорт – Струмица.