Вицепремиерот Бујар Османи е назначен за шеф на делегацијата и главен преговарач за Европската Унија, соопшти утрово премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со еврокомесарот Јоханес Хан, по повод тематската седница посветена на скрининг-процесот за почеток на преговорите со Европската Унија.
„Денеска со Хан ги дефинираме следните чекори на скрининг и подготовка на преговорите кои треба да почнат следната година. Хан ни го претстави начелниот план за скринингот, а ние донесовме заклучоци за почеток на процесот. Владата го назначи Бујар Османи за главен преговарач за ЕУ, за негов заменик ќе биде сегашниот посебен советник за евро-атлански интеграции во мојот кабинет, Бојан Маричиќ. Владата го задолжи и министерот за надворешни работи да подготви информација со предлог на концепт за преговарачката структура и истиот да гo достави за усвојување во Владата“, рече Заев, кој додаде дека сечиј придонес е важен.
Заев најави дека пристапните преговори помеѓу Македонија и ЕУ треба да почнат во јуни следната година.
извор:www.makfax.com.mk