Во периодот од 12.-18.04. во Метрополис Aрена на изложбена површина од 3.000м2, повеќе од 70 издавачи ќе се претстават на 28-от по ред Саем на книгата. Саемот ќе обезбеди најголема концентрација на дела од домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста.
Традиционално, како и минатите години и оваа година на Саемот на книгата, како една од најзначајните културни манифестации во земјата, на едно место ќе се претстават најголемите домашни издавачи, но и издавачи од регионот.
Читателите секојдневно ќе може да ги следат промоциите на најновите изданија и на нивните автори на голем број домашни и странски издавачки куќи во Промотивниот центар на Галеријата во Метрополис Арена. Исто така, издавачите на своите штандови секојдневно ќе организираат промоции и дружења со автори.
Во рамките на Саемот на книгата 2016, Скопски саем организира дополнителен настан, предавање на тема: „Како да се биде среќен во љубовта?“. Предавач е Бруно Шимлеша, социолог, писател и мотивациски говорник од Р. Хрватска, кој е добро познат на пошироката јавност во регионот и пошироко. Бруно Шимлеша е меѓу 10-те најчитани хрватски автори на книги од областа на популарната психологија или самопомош. Настанот ќе се одржи на 14 април (четврток) од 18.30-20.30 часот во Бизнис салата на Скопски саем, изјави Сања Кондарко, оперативен директор на проект во Скопски саем.
Традиционално, Меѓународниот саем на книгата 2016 е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија во својство на ПОКРОВИТЕЛ на манифестацијата. Скопски саем го организира саемот во соработка со Здружението на издавачите и книжарите на Македонија — ЗИКМ, Македонската асоцијација на издавачи и Здружението на албанските издавачи од Македонија.
Kако и минатите години и оваа година на Саемот на книгата, како една од најзначајните културни манифестации во земјата, на едно место ќе се претстават најголемите домашни издавачи, но и издавачи од регионот: Србија, Албанија, како и Шведска (Амбасадата на Шведска – промоција на детска литература како и презентација на „ Шведската литература за деца денес – трендови и примери со осврт кон АЛМА „Астрид Линдгрен Меморијална награда“ со гостување на Лена Карланд (Lena Kårland), професор на Универзитетот во Упсала, Шведска, претставник на АЛМА Фондацијата).
Свеченото отворање на саемот е во понеделник (11 април) во 19.00 часот во Метрополис Арена. Работното време на Саемот на книгата е од 10:00-20:00 часот. Цената на влезниците за Саемот на книгата за посетители е 30 денари, а за организирани групни посети – 20 денари.