Завршниот турнир на Кошаркарскиот куп на Македонија ќе се одржи од 12 до 14 април 2019 година во Гевгелија. Македонската кошаркарска федерација го одреди новиот термин, по одлагањето на завршните натпревари од купот во февруари, поради сообраќајната несреќа и трагедијата што и се случи на нашата земја. Организатори на Кошаркарскиот куп се КК „Кожув“ и КК „Блокотехгна“, а покровител е општина Гевгелија.
-Како домаќини на овој значаен настан сакам да нагласам дека Кошаркарскиот куп ќе мине во најдобар ред и безбедноста ќе биде на највисоко ниво. На сите учесници во купот им посакувам добар престој во Гевгелија и успех. Очекувам сите натпревари да се одржат во спортски дух, во присуство на бројна публика, како што и доликува на Гевгелија. Се разбира, очекувам една од двете гевгелиски кошаркарски екипи да се најде во финалето на купот, изјави на прес конференцијата градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков.
Пофални зборови за градот-домаќин на завршницата од Купот имаше и спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски. „Феноменалната атмосфера на натпреварот кој Македонија неодамна го одигра со Косово беше една од причините да го избереме овој град за домаќин на куп-спектаклот. Верувам дека сѐ ќе мине во спортска атмосфера и дека ќе биде празник на кошарката, изјави Темелковски.