Став на Владата и на Министерството за образование е дека зголемување на платите на наставниците треба да има и дека низ преговори треба да се утврди најдобриот начин тоа да се направи. Истовремено, кажавме дека од прекин на работа во чувствителна дејност како што е образованието, губат сите – и децата, и наставниците и државата. И тоа се ненадоместливи загуби. Штрајкот не смее да биде прв чекор на синдикална борба, не може да почнете преговори со такво условување. Ова го нагласи министерот за образование и наука Јетон Шаќири во гостувањето во „Програма 200“ на телевизијата „Алсат-М“.
„Да мислевме дека платите не треба да се зголемат, ќе се спротивставевме уште на првите средби со СОНК, и ќе ги прекиневме преговорите. Но, тоа не го направивме. На секоја средба истакнувавме дека треба да се види секоја добра можност за да се зголемат. Но, изминатите две години имавме здравствена криза, и сите знаеме како функционираше образовниот систем во таа ситуација. И синдикатот и јас знаеме дека се боревме за опстанок, само да го заштитиме здравјето“, рече Шаќири.
Тој појасни дека се прават буџетски анализи за што побрзо да се одговори на барањето на СОНК и да се види колку нјамногу може да се исполни и кој е најсоодветен модел.