Од први јуни без маски на отворено
Од први јуни, маски не мора да се носат на отворено, препорача денеска Комисијата за заразни болести. Останува на сила полицискиот час, но се олабавуваат другите мерки односно се дозволува правење свадби и веселби, а во рестораните и кафулињата на една маса можат да седат до 6 лица. Ваквите препораки до Владата, како што велат од Комисијата, се донесени бидејќи пандемијата стивнува и од недела во недела се намалува бројот на активни случаи.
Комисијата до кризниот штаб на Владата ќе ги предложи следните олабавувања:
- Од 1 јуни, заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни.
- Да престане да важи забраната за групирање на отворено. При групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски.
- Да се дозволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50% исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде 6.
- Спортските натпревари кои се играат на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30% од капацитетот на стадионот.
- Да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по 6 гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат на сила.
- Полицискиот час останува на сила.