• Thu. Nov 21st, 2024

Од идната година се спушта возрасната граница за достапноста на услугата лична асистенција од 18 на шест години, за деца со потешка или најтешка физичка попреченост или со целосно оштетување на видот

Премиерот Зоран Заев денеска по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост-3 Декември учествуваше и се обрати на Онлајн тркалезна маса на тема: „Трансформација на општеството: Заедница за сите“, во организација на Министерството за труд и социјална политика во соработка со Комисијата на Европската Унија во Скопје и во ко-организација на Владата на Република Северна Македонија и Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

Изразувајќи задоволство што е дел од одбележувањето на како што рече овој значаен ден од календарот на Обединетите нации и на целото човештво – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, премиерот Заев во своето обраќање истакна дека Владата во изминатите три години успеа да ја оствари воспоставената цел, односно да ги направи институциите на општеството, сојузници на лицата со попреченост, од кои секогаш треба да очекуваат политики за подобрување на нивната положба.

„Денеска, со особено задоволство сакам да најавам дека од идната 2021 година услугата лична асистенција ќе биде достапна и за децата со потешка и најтешка физичка попреченост или со целосно оштетување на видот. Министерството за труд и социјална политика ги изготви измените на Законот за социјалната заштита, кои низ соодветната владина процедура, ќе бидат доставени до Собранието на усвојување и ќе овозможат лични асистенти да користат деца на возраст од шест години и повеќе. На барање на семејствата на децата со попреченост, ја намалуваме возраста кога личната асистенција станува законско право – од сегашните осумнаесет на шест години”, рече премиерот Заев истакнувајќи дека средствата за личните асистенти ќе се обезбедат од Буџетот и ова ќе придонесе за стекнување со образование на децата со попреченост, како и нивна социјализација и развој на еднаква основа со нивните врсници и иден активен граѓанин во општеството.

,,Оваа година го одбележуваме Меѓународниот ден на лицата со попреченост со остварени резултати од промените што ги донесовме за спроведувањето на најдобрите светски практики за поддршка и вклучување на лицата со попреченост во нивното секојдневие, во здравството, образованието и социјалната заштита. За тоа добивме и признанија дека сме најдобри во регионот”, рече Заев изразувајќи задоволство што Владата успеа да создаде амбиент во кој сите сограѓани се еднакви каде на преден план се предностите, а не попреченоста.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *