На Шестата Седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 4 февруари 2020 година, се разгледуваше „Точка 43: Информација за отпочнување со реализација на проектот: Доградба на фекален канализационен систем за Ново Село, Општина Ново Село“.
Владата ја разгледа Информацијата и даде согласност за обезбедување средства во висина од 55 милиони денари со ДДВ за реализирање на проектот односно изградба на фекален канализационен систем во Ново Село. Во наредните месеци ќе биде спроведена тендерска постапка за избор на најповолен понудувач за изведување на градежните активности, а тендерската постапка ќе биде објавена и водена од страна на Министерството за транспорт и врски.
Со овие средства ќе се овозможи целосна мрежна покриеност на Ново Село со фекален канализационен систем каде сите домаќинства и институции во Ново Село ќе имаат можност да се приклучат и да ги користат овие услуги.